30.11.2020

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

На 23-ти ноември, Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје ја промовираше Научната студија “Големата слика: македонската економија на среден и долг рок”.

Во време на криза од невидени размери и економски предизвици кои го зафатија цел свет, се отворија низа прашања и за иднината на македонската економија. За таа цел, од почетокот на кризата, па до денес, група на економисти, социолози, инженери, банкари, поранешни и актуелни министри работеа на поставување на “големата слика” за македонската економија.  Иако предизвиците не стивнуваа, туку напротив, од почетоците на работата на експертската група се повеќе нараснуваа, нивните препораки укажуваат на низа можности за градење на подобра иднина доколку се применат соодветни стратегии и модели, што пак зависи од тоа Каде сакаме да се видиме на среден и долг рок?”.

Ова го нагласи и директорката на Фондацијатата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје, г-ѓа Ева Елерајт, која во своето обраќање истакна дека е клучно вклучувањето на експерти од различни области во изработката на вакви студии, а не само од економија, бидејќи во време на голема исполитизираност, тешко е да се изнајдат вистински економски одлуки, кои нема да ги засегнат останатите домени на општеството.

Вицепремиерот за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи, кој исто така се обрати на промоцијата и ја поздрави иницијативата за изработка на една ваква научна студија, посочи дека голем дел од наодите и од препораките во истата се совпаѓаат со приоритетите и фокусот на политиките на Владата во овој мандат .„Еден од приоритетите е поголема интегрираност на нашата економија во меѓународните економски текови преку креирање на интензивен дијалог и соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор, наместо класичниот „top-down“ или „bottom up“ пристап, креираме хоризонтален пристап кој подразбира инклузивност на сите чинители, како и отворен дијалог за важните државни прашања.“, посочи вицепремиерот Битиќи.

Главните заклучоци и препораки од научната студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, презентирани од страна дел од членовите на експертската група и универзитетски професори: Ванчо Узунов, Глигор Бишев, Маја Геровска Митев, и Никола Стиков, кои меѓу другото сугерираат дека покрај конвергенцијата кон ЕУ, како долгорочен приоритет на домашната економија треба да биде и фер распределба на доходот, односно намалување на сиромаштијата. Потребно е зајакнување на капацитетот на државата преку поголемо учество на државни расходи во самиот БДП, а уште повеќе, постоење на квалитетни владини институции, каде целта не е (само) да се намали државната администрација, ниту (само) да се спроведе „најдобра практика“ на раководење со државните институции, туку треба  реформирање на целиот општествен и политички „сет-ап“ на окружувањето.

Почесно обраќање за време на промоцијата, имаше и д-р Ахим Тругер, професор по социоекономски науки со фокус јавни финансии на Универзитетот Диезбург Есен, и член на Германскиот совет на економски експерти или што би се рекло во буквален превод на македонски јазик „економски мудреци“. Тој јги поздрави препораките од студијата и ги оцени како клучни, не само поради релевантноста, туку и поради кредивбилитетот кој го имаат, а кој се должи на хетерогеноста и освртот на образование, социјални и еколошки аспекти, дигитализација и улогата на државата како особено важни во барањето на одговори во економската наука. Во своето излагање, тој го елаборираше и моделот на економски совет како формален пристап на независно тело, кое изработува годишни извештаи за германската економија и дава мислење по однос на клучни економски политики. Но, д-р Тругер ги нагласи и придобивките од неформалните сесии кои Министерството за финансии на Германија ги има секој втор четврток со експерти од областа на економијата, по однос на клучните макроекономски паратметри и потребата од соодветни мерки во водењето на јавните финансии.

Целата публикација е достапна на следниот линк: http://library.fes.de/pdf-files/bueros/skopje/16896.pdf

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org


назад на почеток