15.10.2020

Електроенергетски независен и самоодржлив Карпош, 14.10.2020

После неколку месеци посветена работа, Фондацијата “Фридрих Еберт“ ја промовираше студијата за „Електроенергетски независен и самоодржлив Карпош”.

Младите електроинженерки Тина Манолева и Ангела Најдоска, заенички и под менторство на проф. д-р. Драган Миновски и Љупчо Димов, раководител на одделот за енергетска ефикасност во општ. Карпош, денес ги презентираа клучните препораки за дури 75,82% електроенергетски независна општина. Ова значи, дека дури ¾ од сегашната потрошувачка на електрична енергија на ниво на општината може да се покријат од соларна енергија, преку користење на природниот сончев потенцијал, како и постоечките инфраструктурни капацитети, односно кровните поврчини. Податоците се пресметани врз основа на постоечката потрошувачка на електрична енергија на ниво на цела општина, како и годишно предвиденото производство на електрична енергија од фотоволтаични системи инсталирани на кровните повришини на објектите соодветно, преку следење на моделот на енергетски задруги.

Притоа, преку примерот на училиштето „Братство“, студијата ја прикажува и финансиската исплатливост на енергетските задруги како модел за изградба на фотоволтаични централи на постоечки јавни објекти. Па така, доколку еден кооперант (задругар) инвестира 3.000 евра, по 15 години ќе има добивка од приближно 1.995,84 евра (земено со стапка на инфлација од 3,5%). Споредбено со штедните влогови, може да се заклучи дека каматната стапка за вложување на 3.000 евра за 15 години е 5,5%. Додека пак, направената инвестиција би се вратила за 7,1 години. Од аспект на заштедите на емисиите на CO2, за 15 години би се заштедиле 16.121,19 тони јаглерод диоксид. На тој начин, енергетските задруги би придонеле не само за електроенергетски независна и самоодржлива општина, туку и за општина чиј развој се базира на технолошкиот напредок, а во согласност со природните ресурси и потенцијали. Препораките предвидуваат, по истекот на 15 години од формирање на задругата, фотоволтаичната централа да се префрли во сопственост на јавниот објект. Со ова, јавниот објект ја продава произведената електрична енергија на слободен пазар со што сите приходи ги задржува за себе.

За време на промоцијата, свое обраќање имаше и градоначалникот на општ. Карпош, Стефан Богоев, кој ја поздрави иницијативата и ги претстави досегашните заложби на општината за имплементирање на прогресивни енергетски политики на локално ниво.

Кога станува збор за обновливите избори на енергија, постои еден кој често се заборава, а е клучен во процесот на енергетска транзиција. Тоа е политичката волја. Изработката на оваа студија за “Електроенергетски независен и самоодржлив Карпош” во соработка со Општина Карпош е пример за политичка волја од страна на градоначалникот Стефан Богоев, како и негово залагање за понатамошна реализација на препораките од истата, односно креирање на правата енергетска задруга и кај нас.

Оттука произлегува и мотивот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, да ги промовира и поддржува енергетските задруги како алтернативен начин на вршење економска активност, во случајот производство на електрична енергија. Со поддршка на

енергетските задруги, државата како клучен партнер во социјално-,праведната енергетска транзиција ќе обезбеди непречен процес на демократизација во рамки на секторот и ќе ја реобликува врската помеѓу електричната енергија и граѓаните: не само како извор на светлина и месечен трошок, туку и како извор на приход.

Идејата за електроенергетски независен и самоодржлив Карпош беше поздравена и од регионот, односно од Мелани Фурлан од Зелената енергетска задруга во Загреб, Хрватска, како и Слободан Јеротич од Енергетската задруга Шабац, Србија. Соња Ристеска од Аgora Energiewende исто така ја поздрави иницијативата, која е особено важна за европската иднина на енергетскиот сектор во државата.

Голем број позитивни примери низ ЕУ и пошироко укажуваат на придобивките од децентрализираниот пристап во спроведување на енергетската транзиција, придружен со промовирање на партиципативно управување и вклучување на заедницата. Успехот, сепак, зависи од создавање соодветна правна рамка која ќе го овозможи и олесни основањето на енергетски задруги, а ќе биде проследена и со соодветни инструменти како повластени тарифи, субвенции, поедноставени регулативи и процедури.

Освен енергетските задруги кои би се формирале преку инсталирање на фотоволтаични централи на кровните површини на општинските објекти (основни училишта и градинки), оваа студија ја разработува и можноста за станбенит енергетски задруги. Станбенa енергетскa задругa претставува здружувањe на станари од една станбена зграда, со цел да инвестираат во обновлив систем за производство на електрична енергија, најчесто фотоволтаични системи. На овој начин се намалуваат емисиите на стакленички гасови, со што се штити животната средина, а воедно претставува и начин за финансиска заработка за станарите – кооперанти.

Освен претставници на општ. Карпош, на настанот присуствуваа и претставници на граѓански организации, владини иснтитуции, Регулаторната комисија за енергетика, универзитетски професори и експерти во областа.

Студијата е достапна на следниот линк.

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org


назад на почеток